Амбулантно возило со боите на македонското знаме утрово донираше премиерот Зоран Заев за потребите на струмичката болница, откако директорот на болницата преку социјалните мрежи побара граѓаните да донираат пари за набавка на возило за транспорт на ковид-пациенти.

„Фирмата во сопственост на моето семејство денеска го донираше ова прекрасно возило со симболите и боите на македонското знаме. Возило кое што е од 2015, целосно во исправна состојба, ќе ги служи граѓаните децении. Секако нашата надеж е дека ќе има се помалку причини за тоа возило да се користи и дека ќе има се помалку луѓе кои ќе имаат потреба. Но, кога ќе има потреба посакувам да се користи со здравје и со среќа за сите граѓани од овој регон. Сакам да се заблагодарам на сите кои на било кој начин донираат и помагаат, да продолжи солидарноста и да си помагаме меѓусебе“,
рече Заев.
Директор на болницата, д-р Наќе Гогов кој претходно преку Фејсбук ги повика граѓаните да донираат пари за набавка на амбулантно возило, рече дека оваа донација ќе биде од помош, бидејќи возниот парк на болницата е застарен и често се случува дефект.

„Денеска ја добивме најдобрата донација која ние најпотребна во моментот. Возниот парк кај нас е застарен и често се случува дефект. Сакам да се заблагодарам на семејството Заеви кое порано даваше донации со медицинска опрема“,
рече Гогов.
Министерот за здравство, Венко Филипче рече дека со пари од Светската банка ќе продолжи да се инвестира во болницата.
„Струмичката болница ја завршивме после повеќе од 30 години, сега почна да се опремува, еве дел со донации. И следната година ќе биде целосно опремена со помош на кредитот од Светска банка. Долго време го чекавме кредитот можеше и порано да биде на располагање на граѓаните, но за жал се соочивме со непринципиелна блокада од опозицијата“,
рече Филипче.

Министерот рече дека новото крило на болницата во Струмица ќе биде спремно да се стави во функција на борбата против ковид-19. Инфективното одделение во болницата веќе е преполно, а пополнат е и дел од интерното одделение.
Филипче рече дека се во редовна комуникација со менаџментот на болницата за транспорт, прием и препраќање на пациентите од една во друга болница.
За струмичката болница ново амбулантно возило претходно најави и Владата, откако директорот на социјалните мрежи побара донации. Во меѓувреме, болницата доби санитетско возило од Дирекцијата за заштита и спасување, кое досега го користеше Центарот за јавно здравје во Струмица.
