Човек што не бил цивил во изминатите три години не може да раководи со МВР и одбрана, изјави за „360 степени“ професорката по уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, која е и стратешки советник на Христијан Мицкоски, цитирајќи го членот 97 од Уставот. Таа првично рече дека не е запознаена со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, воено лице да биде министер за внатрешни работи во техничката влада и дека не била консултирана, затоа што станувало збор за партиска одлука.

„Ако лицето е се уште во Министерството за одбрана, не може. Според Уставот, со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата да раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“,
вели Силјановска-Давкова.
По првичниот став, Силјановска-Давкова не контактираше дополнително за да додаде дека предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не е преседан, бидејќи и досега имало случаи кога на овие позиции биле именувани лица токму од областа на одбраната и разузнавањето. Како примери ги посочи поранешните министри за внатрешни работи Сиљан Аврамовски и Митко Чавков и актуелниот заменик-министер за одбрана Беким Максути.
Аврамовски стана прв човек на полицијата во владата на Хари Костов во 2004 година, од позицијата директор на УБК. Митко Чавков стана министер за внатрешни работи во владата на Никола Груевски во 2015 година, доаѓајќи од позицијата директор на Бирото за јавна безбедност. Актуелниот заменик-министер за одбрана, Беким Максути, зад себе има кариера во Армијата.
Архивата, сепак, открива дека против уставноста на изборот на Чавков и на Аврамовски, своевремено реагирал Хелсиншкиот комитет за човекови права. Случајот на Аврамовски завршил и пред Уставниот суд, кој пак се прогласи за ненадлежен.
Името за кое се судрија СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е Драган Ковачки, полковник од АРМ. Премиерот Зоран Заев рече дека ќе консултира експерти пред да го каже мислењето, додека министерката за правда Рената Дескоска веќе го оквалификува предлогот за противуставен. Од друга страна, Ахмети порача дека за ДУИ е прифатлив предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи, иако не е јасно дали пред да ја даде изјавата го имал предвид уставното ограничување.