Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека не може да каже што очекува точно да се случи во наредните три дена во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ на 17 ноември во однос на бугарската блокада на преговарачката рамка и првата меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија.
Досега е постигнат напредок во 7-8 прашања, а интензивно ќе се работи и во наредниот период, најави тој.

„Разговаравме во однос на позициите на двете држави, кои се можните приближување. Постигнавме доста напредок во многу прашања, дури би рекол 7-8 кои се сензитивни за едната или другата страна, меѓутоа дали е тоа доволно за да се деблокира процесот не можам да кажам, пред нас сè уште три дена. Како што реков ќе работиме во неколку наврати до последниот момент да аргументираме дека процесот на европските интеграции не е важен само Северна Македонија, туку и за Бугарија и за сите членки на ЕУ, пред сè и за кредибилитетот на Унијата и за регионалната динамика. Меѓутоа, се разбира треба да се сретнеме некаде во овие позиции во рамки на тоа што може да се разговара“,
изјави денеска Османи.
Прашањата за кои се постигнати напредоци, нагласи тој, се околу краткото име на државата „Северна Македонија“, за кое уште еднаш нагласи дека не претставува референца кон историскиот регион Македонија туку кон државата во денешните граници. Понатаму, рече тој, постигнат е напредок и во прашањата по однос на рехабилитацијата на жртвите од комунизмот, како и околу економската соработка односно создавање акциски планови за инфраструктурно поврзување.
„Мислам дека со тоа на некој начин се постигнуваат заеднички позиции до таму каде што можат, но не можам да предвидам дали тоа ќе биде доволно да се поддржи европскиот процес понатаму. Сепак, тоа не зависи од нас, направивме сè што е во наша моќ, имаме одличен извештај од ЕК која не оценува како најдобри кандидати во регионот“,
рече Османи.
Во однос на јазикот, пак, рече дека не е разговарано, освен за можноста за издвоено мислење на Бугарија.

Тој одговараше и на прашања за тоа кои ќе бидат конкретните активности, па порача дека во моментов нема конкретна иницијатива.
„Во моментов нема конкретна иницијатива, МНР ја создаде платформата за комуникација, каналите, се разбира дека одлуките ги носи државниот врв, владата, ние се надеваме дека сите се свесни за важноста на моментот и свесни за последиците од неуспех на процесот. Меѓутоа, сметам дека европскиот процес не смее да биде на сметка на одредени суштински прашања кои се важни за граѓаните“,
рече министерот.
Тој додаде дека не може да открие какви чекори се прават или ќе се прават, но остануваат на ставот дека нема да се откажат од процесот.
Османи не сакаше да ги коментира позициите на бугарската Влада, како и барањето на претседателот Румен Радев во преговарачката рамка да се отвори посебно поглавје за добрососедство, но порача дека решението за надминување на разликите е во враќање на довербата во Договорот за добрососедство и искористување на инструментите кои ги предвидува тој, односно надминување на разликите преку историската комисија и меѓувладината комисија за следење на Договорот.
„Нашите позиции се јасни, целта е пријателство, добрососедство, меѓусебно почитување, имплементација на Договорот, гаранција дека овој Договор е единствениот механизам за надминување на разликите, но не можам да коментирам различни погледи по однос на тоа како политичари го гледаат решението“,
рече Османи.
