Од Министерството за здравство (МЗ) велат дека и покрај големиот број на примени во последното деноноќие има место во ковид-центрите во Скопје, а најавуваат дека се очекува да започнат со работа и ковид-центри на уште две клиники
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје хоспитализирани се 41 нов пациент поради компликации од коронавирусот, соопштија од Министерството за здравство.
Од друга страна, за оздравени пријавени се 35 пациенти и тие се пуштени дома.
Со тоа, моменталната бројка на хоспитализирани пациенти кои се сомнителни и потврдени со ковид-19 во Скопје е 393.
Од новопримените во последните 24 часа, најмногу се хоспитализирани на Инфективната клиника – 21 пациент.
Во Градската општа болница „8 Септември“ примени се 10 пациенти, а на интерните клиники имало вкупно 10 приеми и тоа: 3 тројца пациенти на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ и 7 на Клиниката за неврологија.
„И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид-центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравени пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ’8 Септември‘. Се очекува да започнат со работа и новите ковид-центри на Клиниката за нефрологија и на Клиниката за гастроентерохепатологија“,
велат од Министерството за здравство.
Каква е моменталната состојба
Од Министерството за здравство посочуваат дека од вкупно 393 пациенти кои се хоспитализирани во скопските клиники и болници голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Најмногу од хоспитализираните се на Инфективната клиника – 163.
Во „8 Септември“ има 79 пациенти. Понатаму, во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 41 пациент, од кои се 12 деца и 28 возрасни.
На Кожната клиника во ковид – центарот, пак, во моментов се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија има 34, а на Институтот за ТБЦ се хоспитализирани 53 пациенти сомнителни и позитивни на ковид-19.
