Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден го избра долгогодишниот соработник Роналд Клајн за шеф на кабинетот во Белата куќа во претстојната администрација, соопшти транзицискиот тим Бајден-Харис.
„Рон беше непроценлив соработник низ годините во кои работевме заедно, вклучувајќи го и спасувањето на американската економија во еден од најголемите падови во нашата историја во текот на 2009 година. Подоцна, во 2014 година, ја надминавме тешката вонредна состојба со јавното здравство“,
вели Бајден.
Бајден посочи дека Клајн има богато искуство и способност да работи со луѓе, како што потенцираше, од широк политички спектар.

„Ова е токму тоа што им треба на луѓето од шефот на кабинетот на Белата куќа кога се соочуваме со криза и се обидуваме да ја обединиме нашата земја“,
пишува во соопштението на транзицискиот тим.
Во писмената изјава на Клајн, пак, се наведува дека за него ова е животна чест и со нетрпение очекува да им помогне на Џо Бајден и Камала Харис во составувањето на тимот.
„Со нетрпение очекувам да им помогнам да соберат талентиран и разновиден тим, кој ќе се бори за спроведување на нивната амбициозна агенда и ќе се обиде да ги надмине поделбите во нашата земја“,
вели Клајн.
Тој ќе работи како шеф на кабинетот на Бајден и ќе ја има функцијата и на висок советник на Бајден. Во кампањата Клајн беше ангажиран како виш советник на новоизбраниот претседател.
Како дел од администрацијата на САД, од 2009 до 2011 година, Клајн веќе работел како шеф на кабинет на Бајден кога тој беше потпретседател во мандатот на Барак Обама. Во администрацијата на поранешниот претседател Обама, исто така, тој го водел тимот за борба против ебола во периодот од 2014 до 2015 година.
Откако стана извесно дека ги доби изборите, еден од првите чекори на Бајден беше и формирањето тим за борба со ковид-19.