Според членот 90 точка 1 од Уставот на Косово, претседателот на собранието ја презема функцијата претседател на државата, а тоа е Вјоса Османи
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, денеска на прес-конференција ја потврди одлуката на Специјализираните комори во Хаг за воени злосторства да покрене обвинение против него и најави дека поради тоа се повлекува од претседателската функција.
„Ќе соработувам со правдата и од овој момент ќе ѝ бидам на располагање на правдата. Повеќе од кога било, ве молам и ве повикувам да не губите надеж, верба и трпеливост. Добивме слобода и независност, сега ја градиме државата. Обвинението е следната мала цена што треба да ја платиме за слободата на нашата земја. Горд сум што бев дел од ОВК, горд сум што заедно со нашите сојузници се изборивме за слобода. Нашата победа значеше и одговорност,“
рече Тачи.
Канцеларијата на специјализираниот обвинител на 24 јуни објави дека на 24 април испратила до Специјализираните комори на Косово обвинение од десет точки за разгледување, во кое претседателот Тачи, претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели и други се товарат за низа злосторства против човештвото и воени злосторства, вклучувајќи убиства, присилно исчезнување лица, прогон и тортура. Според Обвинителството, тие се кривично одговорни за приближно 100 нелегални убиства.
По оставката на Тачи, според членот 90 точка 1 од Уставот на Косово, претседателот на собранието ја презема функцијата претседател на државата. Во овој случај тоа е Вјоса Османи.