Направена е поделба на црвени и зелени зони, односно одделени се деловите каде ќе се хоспитализираат ковид-пациенти, од деловите за пациентите кои ќе имаат потреба од редовни прегледи или интервенции
Сите интерни клиники во рамки на Клинички центар се подготвени да примаат ковид пациенти и нема да запрат со нормалната работа, односно со интервенциите на дневна основа, соопштија од Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче имал средба со директорите на клиниките.
Од МЗ соопштија дека се обезбедени 150 болнички легла и кадарот е спремен да работи со ковид пациенти, но нема да изостане и тековната работа со третман на пациенти на дневна основа кои не се ковид-позитивни.
„Згрижувањето на ковид-пациенти ќе биде под посебни протоколи. Направена е поделба на црвени и зелени зони, односно одделени се деловите каде ќе се хоспитализираат ковид-пациенти, од деловите за пациентите кои ќе имаат потреба од редовни прегледи или интервенции“,
информира МЗ.
Институтот за белодробни заболувања веќе има ковид-пациенти, а на располагање се ставаат и другите интерни клиники.
„Клинички центар е во мобилизација и никој нема да остане без здравствена нега. Освен болнички кревети, кадарот е спремен да работи со ковид пациенти. Веќе е направен системот на ротација на лекари и медицински пероснал, како и распоред за дежурства, како би се покриле и тековните интервенции и амбулантни прегледи со пациентите кои имаат потреба од здравствена нега на некоја од клиниките“,
уверуваат од МЗ.
Дополнително околу 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните клиники со што ќе се направи реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа.