Полицијата во Париз употреби бибер – спреј за да ги растера учениците кои денеска го блокираа средното училиште „Колбер“ во главниот град, во знак на протест поради тоа што во училиштето не се спроведуваат мерки за заштита од ковид-19.
Десетици ученици утрово со корпи за отпадоци, метални решетки и колички од супермаркет го блокираа пристапот до средното училиште „Колбер“ во центарот на Париз и закачија транспарент со кој повикуваат на штрајк.
„Нашите одделенија се преполни, а учениците седат едни до други. Се обидовме ги ги распоредиме масите, но тоа не менува ништо затоа што и натаму сме 30 во одделение“,
тврдат учениците.
Тие бараат нивниот број да се преполови.
Претставниците на училиштето рекоа дека училиштето попладнево е повторно отворено.
Како што објавија француските медиуми, слични протести беа организирани и во неколку други париски училишта.