Ватикан денеска соопшти дека коментарите на папата Франциск за закон за граѓански заедници се извлечени од контекст и оти ниту навестуваат промена на црковната доктрина за хомосексуалците ниту поддршка за истополовите бракови.
Папата во документарниот филм „Франциск“ минатиот месец изјави дека хомосексуалците имаат право да бидат семејство и оти треба да бидат заштитени со законите за граѓански заедници.
Либералите ги пофалија таквите ставови, додека конзервативците побараа од папата Франциск итно да ги појаси своите изјави.
Државниот секретаријат на Ватикан, пак, минатата недела испрати објаснување до своите амбасадори, што го проследија до бискупите, а во кое се наведува дека всушност станувало збор за две одвоени изјави, кои се одговор на две различни прашања, исечени се да изгледаат како една, а избришани се прашањата и изгубен е контекстот.
Во нотата што прв ја објави биографот на папата, се наведува дека Франциск во првата изјава зборува за правата на хомосексуалците во семејството да бидат прифатени како деца и роднини, а некои тоа го протолкуваа како право на хомосексуалците да формираат свои семејства.
Изјавите, за кои сега Ватикан тврди дека се извадени од контекст, беа објавени на 21 октомври како дел од споменатиот филм кој тогаш беше промовиран Римскиот филмски фестивал.