Бугарското тврдење, дека постои само една „историска вистина“, имено нивната, и дека таа мора да биде цврсто наведена во преговорите за членство во ЕУ, не одговара на 21 век, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).

Весникот ја пренесува атмосферата во ЕУ пред одлуката за преговори со Северна Македонија наведувајќи дека во Брисел во моментов се води спор што може да има сериозни последици за иднината на проширувањето на ЕУ, јавува „Дојче Веле“.
ФАЦ посочува дека бугарскиот амбасадор во ЕУ Димитрар Цанчев веќе двапати им одржувал емотивни беседи на своите колеги велејќи дека преговорите со ЕУ Северна Македонија може да ги почне откако земјата ќе ги исполни посебните услови на Бугарија. Во суштина, Софија бара Македонците да признаат дека всушност биле Бугари и дека зборувале бугарски јазик, пред да станат независна нација преку еден процес на историско фалсификување.
Ваквите ставови, според ФАЦ, немале поддршка од ниту една друга земја членка.
„Во кругот на амбасадорите на ЕУ, настапите на бугарскиот амбасадор, оваа и минатата недела, наидоа на неразбирање и чудење. Никој не му се приклучи, ни Грците, ниту Французите или Холанѓаните, кои пред една година го блокираа почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија (и Албанија)“,
пишува ФАЦ, а пренесува „Дојче Веле“.
Во текстот ФАЦ пишува и дека во Брисел, наведува германскиот весник, сега се чудат зошто Бугарија не ги изразила забелешките уште во 2018 година, кога се решаваше спорот за името меѓу Македонија и Грција.
Целата објава на „Дојче Веле“ во која се пренесуваат пишувањата на ФАЦ, можете да ги прочитате ТУКА.