Веќе во следната ротација, планот е бројот на припадници во КФОР да се зголеми на над 60 припадници
Четириесет и четири припадници на нашата Армија денеска од касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово заминаа кон Косово, каде во следните шест месеци ќе работат како штабни офицери во главната команда на КФОР во Приштина и ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР – Запад.
Ова е прва меѓународна мисија на наши војници откако земјава стана членка на НАТО.
На свеченоста по повод испраќањето на овој прв контингент на Косово, која се одржа неодамна, министерката за одбрана Радмила Шекеринска им порача да ги покажат нашите квалитети на сите места каде што ќе извруваат мисија на мир, безбедност и стабилност.
„Членството во НАТО значи безбедност и стабилност за нас, значи сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но ние тоа членство го чувствуваме како голема одговорност. Пред помалку од 20 години, нашата татковина ја искористи шансата да има мисија на НАТО за да има безбедност и стабилност. Денеска како членка на НАТО можеме да помогнеме да помогнеме тоа да се случи и кај нашите соседи. И тоа покажува колку поминавме заедно, со колку проблеми се изборивме и колку созреавме како луѓе и како држава“
рече Шекеринска.
Учеството на припадниците на Армијата во мисијата КФОР на Косово ќе продолжи да расте во текот на 2021 година – веќе во следната ротација, планот е бројот на припадници во КФОР да се зголеми на над 60 припадници, а од идното лето заедно со нашиот долгогодишен партнер Националната гарда на Вермонт од САД, надвор од воспоставените ротации придонесот во период од 9 месеци ќе се зголеми со над 100-тина припадници на Армијата. Вкупно од идното лето во мисијата КФОР ќе учествуваат околу 180 војници, подофицери, и офицери на Армијата на Северна Македонија.