Посебноста на македонскиот народ и македонската нација се наоѓа во светските архиви во кои се чуваат документи и факти кои се предмет на обработка од страна на историчарите и во никој случај не може да биде предмет на пазарење од било која страна, велат од Советот на амбасадори во кој членуваат поранешни дипломати.
Тие преку соопштение упатено до меидумите велат дека непристојна е заканата од страна на Бугарија за евентуално блокирање на С Македонија на патот кон ЕУ.
„Во последните денови на неприфатлив начин се доведуваат во прашање односот и соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија со објаснувачкиот Меморандум упатен од бугарска страна до членките на ЕУ пред започнувањето на првата меѓувладина конференција во декември оваа година со која фактички ќе започнат и преговорите на нашата земја со ЕУ. Советот е зачуден зошто официјална Софија се определи за таков чин во предвечерјето кој очекуваме да започне со позитивни одлуки и оценки за нашиот напредок и спремност за старт на преговорите. Нашиот источен сосед на 31 октомври 2020 година, официјално преку странски медиум излезе и постави услови кои се практично уцена до нас како суверена и независна држава, притоа наметнувајќи непристојни прашања во вид на трговија со македонскииот идентитет и јазик и со факти од историјата“,
велат од Советот на амбасадори.
С Македонија од 2017 година, сметаат тие, решително отвори нова страница во односите и соработката со потпишаните договори со Грција и Бугарија и искрено започна со имплементација на значајни точки во договорите како тоа и прилега на земја со проевропска ориентација.
Советот на амбасадори дава отворена поддршка на претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев во истакнатите позиции дека со вакви услови и за вакви барања нема отстапки и компромиси.