Ова го соопшти денеска на прес-конференција Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, откако пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов најави синоќа дека Струмичката болница за два месеци ќе добие ново болничко возило
Како пратеници од струмичкиот регион поднесовме амандман на ребалансот на буџет, кој е во постапка, за прераспределба на 3,5 милиони денари за набавка на три амбулантни возила за болницата во Струмица, но, за жал, пред неколку дена власта овој амандман го одби со образложение дека не е потребна таква набавка.
Ова го соопшти денеска на прес-конференција Дајанчо Ефтимов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, откако пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов најави синоќа дека Струмичката болница за два месеци ќе добие ново болничко возило.
„Очигледно е дека власта или не ја знае состојбата во Струмичката болница или не сака да ги помогне капацитетите, само затоа што предлог-амандманот на буџетот доаѓа од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Оттука сметам дека е крајно лицемерен одговорот на пратеникот Костадинов, кој исто така доаѓа од Струмица и кој најави дека интервентно ќе се обезбедувало возило за Струмичката болница, кога истиот и власта од неговата партија можеа тоа да го направат со поддржување на амандманите на опозицијата, а доколку успееја да обезбедат и уште едно возило, дотолку подобро и за болницата и за граѓаните на Струмица. Патем Костадинов најавува, замислете итна набавка на болничкото возило дури после два месеци, а на болницата и требаат токму сега во услови на илјадници заболени дневно од корона вирус“,
изјави Ефтимов.
Случајот околу дотраените болнички возила во Струмица го отвори вчера директорот на тамошната болница Наќе Гогов, кога на Фејсбук објави жиро сметка за донации за набавка на ново возило. Потоа, тој го повлече статусот, како што рече, по повеќе негативни коментари и апелираше да не се донира. Набрзо потоа, пратеникот на СДСМ од Струмица, Костадинов, најави набавка на ново возило, за што, како што посочи, се консултирал со премиерот Зоран Заев и со министерот за здравство Венко Филипче.
Ефтимов оцени денеска дека Гогов, веројатно, го повлекол статусот за донирање поради притисоци.
Според последните податоци за состојбата со ковид-19 во земјава, Струмица сега е втор град според бројот на активни случаи, по Скопје. Во синоќешниот билтен, Струмица е регистрирана како град со 553 активни слуачи, а само вчера таму имаше 80 новозаразени со ковид-19.