Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека еднаш месечно треба да има бесплатни ковид-тестови за вработените негувателки, учителки и наставнички со цел безбедни училишта и градинки.
„Образованието е еден од нашите приоритети кој е значаен не само за поединецот, туку и за унапредување на целото општество. Грижата за сите чинители во овој процес е наша обврска. За жал, власта не се потруди да го организира и прилагоди соодветно воспитниот и образовниот систем за тој да функционира во услови на ковид“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Според него, чести се вестите дека цела група во градинка или цело одделение мора да оди во изолација поради позитивен тест на ковид-19.
„Од таа причина, предлагам бесплатни тестови еднаш месечно за сите негувателки, учителки, наставнички во градинките и училиштата. Безбедни градинки и училишта за безбедно образование, каде без застој, во континуитет ќе се одвива воспитниот и образовниот процес на децата“,
додава тој.