Грција воведува нови рестриктивни мерки во борбата против ковид-19. Од вторник, по примерот на Франција и Германија, во земјата се воведува мини-карантин. Мерката нема да се однесува на целата држава, туку само на регионите кои се со лоша епидемиолошка слика и зголемен број на случаи.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во телевизиска порака до граѓаните за вториот бран на пандемијата, ги соопшти новите мерки за заштита на јавното здравје, а во мини карантин, еден месец влегуваат Северна Грција и областа Атика, јави МИА.
Освен полицискиот час од полноќ до 5 часот, се затвораат кафулињата, рестораните, кината, театрите, судовите, археолошките локалитети и музеите, фитнес центрите… Отворени ќе бидат продавниците, фризерските салони, хотелите и училиштата и нема да се забрани движење меѓу регионите.