Обвинителството на Франција отвори истрага за убиство, додека градоначалникот на Ница рече дека досегашните информации упатуваат на терористички напад
Три лица се убиени во напад со нож во базилика во францускиот град Ница, а осомничениот е приведен непосредно по нападот, соопшти француската полиција.
Според информациите објавени во медиумите, врз основа на полициски податоци, во нападот една жена била обезглавена. Обвинителството на Франција отвори истрага за убиство, додека градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси, рече дека досегашните информации упатуваат на терористички напад.
Според градоначалникот, врз основа на изјави на очевидци, напаѓачот за цело време повторувал „Алаху акбар“.
Еден од убиените бил чувар во базиликата.
Во меѓувреме, свикан е кризен состанок во Париз.
Поради трагичниот настан, националното собрание денешната работа ја започна со едноминутно молчење, пред премиерот Жан Кастекс да ги образложи мерките за карантин кои стапија во сила од полноќ.
„Без дилема, ова е многу сериозен нов предизвик што ја погодува нашата земја“,
рече Кастекс апелирајќи на единство и кохезија.
Ница и претходно, на 14 јули 2016 година, беше цел на еден од најсмртоносните напади на Франција во последните неколку години, кога 31-годишен Тунижанец со камион влета во толпа луѓе кои го славеа Денот на Бастилја, при што загинаа 86 лица.