Советот за безбедност утре ќе одржи седница во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски во Вила Водно.
Според информациите од неговиот кабинет, ќе се разговара за актуелната ситуација со пандемијата на ковид-19 во земјава и за мерките и активностите на надлежните институции.
На седницата, покрај редовните членови на Советот, на покана на претседателот ќе присуствува министерот за здравство Венко Филипче.
Редовни членови на овој Совет се: претседателот на Собранието Талат Џафери; премиерот Зоран Заев; министрите за внатрешни и надворешни работи Оливер Спасовски и Бујар Османи; министерката за одбрана Радмила Шекеринска; поранешниот министер за одбрана и универзитетски професор Трајан Гоцевски; професорот на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методи“ Ненад Марковиќ и професор на Универзитетот на Југоисточна Европа Ветон Љатифи.
По завршувањето на седницата предвидено е и обраќање на претседателот Пендаровски.
