Министерот за здравство Венко Филипче го осуди групирањето за погребот на поранешниот пратеник Амди Бајрам.
„Без намера да ги навредам чувствата на семејството, но од почетокот осудуваме вакви настани и овој апсолутно. На вакви настани и групирања се случија проблеми – знаете, погреби, свадби кои се одржуваат и покрај тоа што се забранети. Тоа не треба да се случува. Мора граѓаните да се свесни“,
рече Филипче во гостување на Телма.
На прашањето зошто полицијата не реагирала, министерот вели дека на некои настани не можело да се влијае.
„Полицијата сега многу поревносно работи на терен отколку во техничката Влада и тоа се гледа по бројот на казни. Но, на некои настани и групирања едноставно не можеме да влијаеме. Кога укажувавме на непостапувањето на техничкиот министер Наќе Чулев, тогаш имаше што да се направи. И тогаш конкретно знаевме дека тие не интервенираа. Ама сега кога се случил собир, едноставно тоа навистина е оставено на граѓаните“,
рече Филипче.
По смрта на Амди Бајрам, кај кој посмртно се утври дека бил позитивен на ковид-19, од Министерството за здравство апелираа погребот да се спроведе согласно протоколите за спречување на ширењето на ковид-19 и сите што имале контакт со починатиот поранешен пратеник да соработуваат со епидемиолозите.
И покрај апелите од здравствените власти на гробиштата Бутел во Скопје присуствува голем број граѓани. Пред погребот имаше и поворка со возила, која ја пратеше полицијата.