Владата денеска ги демантира информациите во јавноста дека во државата се увезува, складира и согорува опасен отпад, кој се доведува во контекст со зголеменото аерозагадување.
Во соопштението посебно се реферира на случајот со информациите за согорување опасен отпад во Цементарата УСЈЕ.
„Употребата на алтернативните горива во УСЈЕ се одвива во целосно затворен процес, со високи температури во печките (до 2.000 Целзиусови степени на гасовите во печка) со што се обезбедува целосно согорување на ваквиот отпад. Шпекулациите за запирање на филтрите се сосема неточни бидејќи работата на филтрите е поврзана со целиот процес и со нивно исклучување запира и целокупниот процес“, се вели во соопштението.
Од Владата укажуваат дека користењето на РДФ-отпад како енергенс во цементната индустрија е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004 година, каде што се пропишуваат видовите отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата.
Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршрутата на транспорт и типот на третманот што ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање.
Од Владата посочуваат дека постојат строги стандарди дефинирани во А-интегрираните дозволи што ги добиваат индустриските инсталации вклучително и ТИТАН Цементарница Усје, а се преземаат редовни и вонредни инспекциски контроли на исполнетоста за барањата за заштита на животната средина согласно дозволите и царинските контроли при увоз на одобрените видови на отпад.
За користењето на коксот како енергенс во процесите, од Владата укажуваат дека е строго контролиран и е со количина на сулфур од 4 до 6 проценти согласно важечките прописи во земјава. За сите други информации за повисок процент на сулфур и неконтролирано согорување од Владата велат дека се неточни.