Целосна родова еднаквост, Форумот на жени и СДММ се воведуваат како трајни партиски тела, формирање Форум на пензионери, црвената боја станува партиска боја…
Во обраќањето ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека го блокира донесувањето на измените на Законот за заштита на здравјето на населението и со тоа работи против граѓаните
Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев денеска во обраќањето на 25. Конгрес на партијата кој поради пандемијата се одржува онлајн, најави статутарни промени во партијата кои како што рече ќе ја направат неговата поодговорна, поевропска и помодерна.
Со предлог – измените, како што рече Заев се воведува:
– родова еднаквост во органите на партијата, со што таа станува првата во земава, а меѓу првите во Европа и светот со целосна еднаквост на жените и мажите во партиските тела и органи;
– Форумот на жени и СДММ се регистрираат као трајни тела на партијата, а претставниците на овие две организации ќе учествуваат на рамноправна основа во извршните органи со право на глас на сите новоа;
-се формира Форум на пензионери;
-се воведува Кодекс на однесување на членовите;
-црвената боја се воведува како боја на СДСМ.
Сепак, како најголема промена што ќе се случи во партијата, Заев го најави гласањето за партиски лидер, кога на следниот конгрес на пролет за прв пат во една партија секој член ќе може на непосредни внатрепартиски избори да се изјасни кој ќе ја води партијата.
„Новиот лик не се случи преку ноќ туку е резултат на заедничко напорно работење сите членови години наназад. Имаме силен СДСМ, моќен, динамичен, прогресивен и тоа е нашиот бренд“,
рече Заев додавајќи дека очекува овие предложени измени денеска преку дебата да бидат усвоени од Конгресот.
Тој рече дека на работната група која работела на статутарните измени им помогнале Прогрес институтот за социјална демократија и Меѓународниот центар „Oлоф Палме“ од Шведска.
Ние се реформираме, опозицијата кочи
Заев во обраќањето ја спомена и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ја нарече „опасност за нашата земја“, која работи против системот за јавно здравје со тоа што го блокира донесувањето на законските измени.
Во јавноста преовладува мислењето дека на СДСМ му одговара на чело на ВМРО-ДПМНЕ да остане Мицкоски за да може да победува. Ние знаеме дека Мицкоски нема поддршка од граѓаните, но СДСМ мисли на граѓаните, а не на партиските интереси и според тоа дека за државата е добро да има прогрес и опозиција која нема да биде кочница, туку одговорна. Одложуваето на гласањето на измените на Законот за заштита на населението е доказ дека Мицкоски се противи на мерките кои треба да ни го заштитат здравјето со што покажуваат колкава опасност се за нашата земја, овојпат за здравјето на граѓаните, свесно работат на поткопување на јавнниот систем, и како техничка влада и како опозиција во Собранието“,
рече Заев.
Ова е отчетен Конгрес, и е прв по изборната победа на СДСМ.
Заев денеска ги спомена изборните победи на партијата од локалните избори во 2017, референдумот во 2018, предвремените локални избори во Охрид и Ново Село и претседателските избори лани и превремените парламентарни избори на 15 јули годинава.
Во мандатот на СДСМ на власт, Заев го спомена и членството во НАТО.
„Ја вративме слободата и демократијата во земјата и правдата, за борба против секој вид на криминал и корупција“,
рече Заев.
Ова е првиот дигитален Конгрес на СДСМ и првиот дигитален конгрес на која било политичка партија во земјава, целосно обезбеден со електронски начин на комуникација, преку конференциски видеоврски со оштинските организации.
„Во време кога ние, со целиот свет, се соочуваме со постојана борба против коронавирусот, СДСМ застанува одговорно, да направи пресек на сработеното и да ги дефинира новите стандарди, европските стандарди како задолжителни одредници и репери во своето работење. На овој Конгрес, уште повеќе се демократизираме, продолжуваме да се менуваме, ја зголемуваме отчетноста, преземаме храбри чекори и вложуваме огромен напор, за да обезбедиме најдобро за сите наши граѓани, за секој македоински граѓанијн да живее подобро, помирно, помотивирано“,
рече Заев отворајќи го конгресот.