Болниците во Словенија од денеска ќе примаат само итни случаи и заболени од ковид-19. Тоа е пропишано со указот што синоќа го потпиша министерот за здравство на Словенија, Томаж Гантар, јави агенцијата СТА.
Иако Универзитетскиот клинички центар во Словенија, најголемата здравствена установа во земјата и неколку други болници започнаа да ја применуваат оваа мерка пред неколку дена, со указот се пропишува нов режим на работа за сите здравствени установи во Словенија.
Пациентите на онкологија, бремени жени, неонатологија и вакцинациите се исклучок од новата мерка на словенечкото Министерство за здравство, како и итни интервенции во случаи кога животот на пациенти е загрозен.
Од денеска во болниците ќе се вршат само најитните, неодложни хируршки интервенции, а Министерството на секои 14 дена ќе проценува дали тие мерки мора да продолжат.
Во последните 24 часа, според официјалната статистика, во Словенија се регистрирани речиси 2 000 нови заболени со ковид, 449 хоспитализирани и 63 се на интензивна нега.