На прес-конференција, по онлајн-средбите со челниците на ЕУ, премиерот, сепак, ја остави отворена и можноста првата меѓувладина конференција да не се одржи во декември, посочувајќи дека ЕУ ги носи одлуките едногласно
Со Бугарија имаме решено неколку историски периоди и личности, продолжуваме со работа понатаму. Постојат одредени спорни моменти, но да се направи чекор во кој нема да се дозволи старт на преговорите не е во интерес на ниту еден од народите.
Ваква порака испрати премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата по денешните онлајн-средби со челниците во ЕУ.
„Се обидуваме да бидеме разумни од наша страна, се надевам и бугарската страна ќе прави напори за да не подгреваме непријатности. Првиот начин е да се обидеме да ги решаваме работите и тоа го работиме“,
рече Заев одговарајќи на прашање како земјава ќе спречи да не дојде до блокирање на процесот.
Тој рече дека верува оти до 10 ноември, кога е самитот во Софија во рамки на Берлинскиот процес, кога ќе заседава и Советот на општи работи на ЕУ, би можело да се најде решение.
И покрај оптимизмот и најавите дека ќе направат сè за да не дојде до „вето“, премиерот во одговорите повторно посочи дека не ја отфрлаат ниту можноста првата меѓувладина конференција да не се одржи до крајот на годината, бидејќи ЕУ ја носи одлуката консензуално што значи дека сите земји треба да се согласат.
Заев уште еднаш испрати порака дека верува оти и ставот на Бојко Борисов и на бугарскиот народ е во насока на одржување на добрососедските односи.
Премиерот зборуваше и за онлајн-состаноците, што заедно со вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи ги имаше со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, високиот претставник за надворешна политика и за безбедност и потпретседател на ЕК, Жосеп Борел, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Заев рече дека им пренел на челниците на ЕУ оти земјава е подготвена за првата меѓувладина конференција, како и дека претставниците од ЕУ искажале силна поддршка за земјава и очекување дека во претстојниот период ќе се завршат сите подготовки и ќе дојде до првата меѓувладина конференција.