Бројот на регистрираните заразени со коронавирус во 24 часа во трите земји е над 1 400
Хрватска, Словенија и Бугарија во последните 24 часа имаат рекорден број новозаразени од ковид-19 во регионот.
Во Хрватска во последните 24 часа се регистрирани 1 563 новозаразени со коронавирус и 13 смртни случаи, што е најголем број од почетокот на епидемијата.
Во моментов има вкупно 7 380 активни случаи, од кои 661 пациент се во болница.

Од 25 февруари во Хрватска се евидентирани вкупно 29 850 лица заразени со новиот вирус, од кои 406 починаа, а вкупно 22 064 лица се излекувани.
Во моментов има 25 620 лица во самоизолација.

Во исто време, Словенија, со 1 663 новозаразени, забележа нов дневен рекорд.
Рекорд повторно е регистриран и во Бугарија, каде што во последните 24 часа се евидентирани нови 1 472 случаи на ковид-19.
Како што е објавено на официјална страница за следење на епидемијата, тестирани се 8 738 лица, што значи дека процентот на заразени е 16,8 отсто.
Вкупно 33 335 лица беа заразени во Бугарија, од кои 1 048 починаа од почетокот на пандемијата.
Во Бугарија моментално има 14 689 активни случаи, од кои 1 732 се на болничко лекување.