Папата Франциско ја даде досега најексплицитната поддршка за легализација на истополовите партнерства откако е на чело на Католичката црква.
Тој поддржува тие да бидат регулирани со „закон за граѓанска заедница“.
„Тие се божји деца и имаат право на семејство“,
вели папата.
Неговите изјави, како што пренесува „Дојче веле“, се дадени во документарен филм насловен „Франциско“, чија премиера била денеска на Римскиот филмски фестивал. Тема на документарецот е ликот и делото на актуелниот папа.
Пред да стане папа односно во периодот кога служел како надбискуп во Буенос Аирес, Аргентина, тој се спротивставувал на легализацијата на истополовите бракови, но ја поддржувал идејата да се најде ваков алтернативен начин за да може да им се овозможи легализација на хомосексуалните партнерства.
Сепак, пишува „Дојче веле“, ова е првпат јавно, Франциско да одобри истополови заедници откако стана папа.
„Потребно е да се направи закон за граѓански заедници. На тој начин тие ќе бидат законски покриени. Јас се залагав за тоа“,
вели папата во документарецот.