Во болниците во земјава во моментов се наоѓаат 452 лица кои се лекуваат од ковид, од кои тројца се на респиратор. Во изминатите 24 часа примени се 11 нови на Инфективната клиника и 7 во „ 8 Септември“.
Со новопримените, на Инфективната клиника има вкупно 95 пациенти, од кои на кислородна поддршка се 65 пациенти и нема пациенти на механичка вентилација.
Во болницата во Козле хоспитализирани се 9 деца и 9 мајки позитивни на ковид-19, и една мајка суспектна на вирусот.
Во ГОБ „8 Септември“ има 7 приеми во изминатите 24 часа, со што вкупно хоспитализирани се 46 пациенти. Од нив на респиратор се 3 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 34, а во болницата во Штип се 51 пациенти.
На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 207, позитивни и сомнителни на ковид-19.
Директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ пред неколку дена изјави дека речиси е исполнет максималниот болнички капацитет, и во функција ќе мора да се стави и монтажната болница која веќе е подготвена за прием на пациенти.
„Последните денови се примаат од 13 до 14 пациенти, а иако истовремено се испишуваат и пациенти кои се оздравени, тој сооднос не е таков за да не се предвиди дека за многу кратко време капацитетот на Клиниката ќе биде целосно пополнет и ќе мора во функција да се стави монтажната болница“,
рече Стевановиќ за Телма.
Според неа, непочитувањето на превентивните мерки за заштита од ковид-19 од страна на граѓаните и нивното опуштање во однесувањето, сега е пресликано во бројките на новоинфицирани со корнавирусот.