Првиот вицепремиер и министер за политички системи Артан Груби во вечерашното гостување на ТВ24 тврдеше дека нема никакви инсистирања од Бугарија за нови уставни измени во Северна Македонија. Тој е убеден дека ќе се надминат сите прашања со Бугарија и ќе се продолжи со евроинтеграциите.
На прашањето што е предложеното за кое зборуваше премиерот Зоран Заев кога рече дека нема ништо европско во тоа, Груби рече дека официјално нема никаков предлог или идеја.
„Официјално нема никаков предлог, официјално нема никаква идеја. Официјално постои само добрососедскиот договор со Република Бугарија. И комисиите работат на усогласување на ставовите по однос на сите тие составни точки на Договорот за добрососедство со Република Бугарија. Нема никакви условувања, нема никаква потреба за промена на Уставот на Република Северна Македонија и јас сум убеден дека во духот на добрососедството и во духот на копретседавањето со Берлинскиот процес помеѓу Софија и Скопје ќе се надминат и овие прашања и заеднички ќе изнајдеме јазик да отпочнеме со првата меѓувладина конференција на крајот на декември годинава под германското претседавање со Советот на ЕУ“,
рече Груби.
Тој вели дека според она што го знае, нема никаков ризик за македонскиот јазик и етникум. За историските личности исто така е убеден дека ќе се најде заеднички договор.
„Треба да најдеме заеднички јазик и сите тие моменти коишто ни се заеднички во историјата заеднички да ги прославуваме и заеднички да ги одбележуваме. Нема ништо лошо во тоа, има многу светски личности коишто се слават и коишто се одбележуваат во повеќе држави, дури и во светски размери, така што и историските личности коишто не зближуваат како две држави мислам дека има простор да ги одбележуваме и заеднички да ги славиме“,
изјави Груби.
*Поврзани вести:
Нова средба на мешовитата комисија: 5 личности за кои досега е постигнат договор со Бугарија
(ВИДЕО) Димитров допатува од Софија со „добри очекувања“ од состанокот со Ѓоргиев во Скопје
