Штипскиот бизнисмен Зоранчо Митровски и сопственик на групацијата „ЕЗИМИТ“ ќе инвестира во Клиника за кардиологија во Љубљана, Словенија. Како што пишува словенечко „Дело“, клиниката се очекува да започне со работа во првата половина од следната година.
Клиниката ќе биде сместена во комплексот „Дунајски кристали“, в долж обиколницата во северниот дел на Љубљана, каде два објекти биле продадени изминативе недели, а едниот бил купен од групацијата „ЕЗИМИТ“, потврдено е за словенечкиот весник. Откупната цена не е соопштена, но според неофицијални податоци на „Дело“, таа изнесува 3,8 милиони евра без данок на додадена вредност.
Весникот додава дека во Клиниката се очекува да работи и нивниот најпознат кардиохирург, Томислав Клокочовник, кој годинава дал отказ од Клиничкиот центар во Љубљана.
Од групацијата „ЕЗИМИТ“, во сопственост на Митровски, за весникот појасниле дека планираат Клиниката за кардиологија во Љубљана да помогне во голема мера да се скратат редиците за дијагностицирање на срцеви проблеми и наместо да се чека по неколку месеци, во иднина за преглед да се чека од два до три часа. Тие најавиле дека ќе вработат врвни кардиолози од странство и од Словенија, а ќе биде предводена од д-р Клокочовник.
Во првата фаза се очекува инвестицијата да вреди 18 милиони евра, но повеќе детали за проектот сè уште не се откриени, пишува „Дело“. Весникот додава дека ова ќе биде една од најголемите инвестиции во приватното здравство во Словенија.
Митровски е познат македонски бизнисмен, сопственик на винарија, но и со удели во градежништвото. Неговата фирма беше акционер во „Бетон“ од Штип, за која е отворен стечај, заедно со „Орка Холдинг“ на Орце Камчев. Фирмата „Бетон“ градеше и објекти од проектот „Скопје 2014“. Тој е почесен конзул на Латвија во Македонија, а пошироката домашна јавност за него слушна од предметот „Поштенска банка“ што Специјалното јавно обвинителство го отвори во 2018 година. Митровски е еден од осомничените во овој предмет чија истрага започна точно пред две години на 15 октомври.
Но, потоа, Митровски стана еден од сведоците во случајот „Рекет“, против Бојан Јовановски и Катица Јанева. Пред судот, тој кажа дека по отворањето на истрагата за „Поштенска банка“, почнал да добива „пораки“ преку добронамерни посредници.