Уште три вработени во градинка во Ѓорче Петров се позитивни на ковид-19. Станува збор за две воспитувачки и една негувателка во градинката „Росица“, објект „Калинка“.
Директорката на градинката Маја Ристовска за „360 Степени“ вели дека вработените од вчера се во домашна изолација, како и 41 дете од три различни групи.
„Една негувателка и две воспитувачки од вчера се во изолација, како и нивните групи со деца. Постапено е по алгоритам и тие се во домашна изолација. Со појавата на вакви случаи ние веднаш го контактираме надлежниот епидемиолог и постапуваме според насоките што ги добиваме“,
вели Ристовска за „360 Степени“.
Пред два дена се појави уште еден позитивен случај во истата општина, но во објектот „Детелинка“.
Станува збор за воспитувачка, која според Ристовска е во добра здравствена состојба, а десетте деца што беа испратени во домашна изолација засега немаат симптоми на вирусот.
Според протоколите, доколку децата немаат симптоми, по две недели можат да се вратат во градинка, во спротивно треба да бидат тестирани за ковид-19.