Казната е 25 евра, а ако некој го фатат по вторпат дека не носи маска, тогаш ќе треба да плати глоба од 40 евра
Од утре во Албанија носењето заштитна маска станува задолжително и на отворен простор, а за непочитување на мерката се предвидени парични казни.
Предлогот го даде Комитетот за справување со пандемијата на ковид-19, а одлуката ја донесе владата.

„Заштитна маска или марама задолжително треба да носат сите и насекаде освен децата до 11-годишна возраст. Од оваа мерка се изземаат единствено оние на кои носењето маска им штети врз здравјето, но за тоа треба да поседуваат медицински документ, лица кои сами се движат со велосипед или мопед, за време на спортски тренинзи, во возило само доколку оние што се во него се од исто семејство, пливање во базен, езеро или море, во домовите“,
рече Албана Фиќо, директорка на Институтот за јавно здравје.
Таа им порача на граѓаните дека маската станува задолжителен придружник насекаде и апелираше тоа да се почитува за да се спречи ширењето на опасниот вирус.
Објаснувајќи ја ова мерка, посочи дека за непочитување на мерката е предвидена парична казна од 25 евра, додека за секој повторен прекршок казната ќе изнесува 40 евра.
Од крајот на минатиот и овој месец бројката на новозаразени во едно деноноќие во Албанија постојано е во пораст. Така, вчера беа дијагностицирани 182 лица позитивни на ковид-19, што е највисока бројка на новозаразени во едно деноноќие од почетокот на пандемијата.