Зоран Милески – Кичеец денеска треба да се пријави во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за да ја отслужи тригодишната затворска казна која ја доби во случајот „Рекет“.
Пред дваесетина дена тој го доби упатниот акт од Основниот кривичен суд во Скопје, што следуваше откако од скопскиот Апелациски суд на 4 септември соопштија дека ја потврдиле пресудата во однос на затворската казна, а го вратиле случајот на повторно одлучување пред првостепениот суд во однос на одземените предмети (рачни часовници, лаптопи, мобилни телефони…).
Во петокот до 12 часот, до Основниот кривичен суд во Скопје немаше стигнато известување дека Кичеец побарал да му се одложи извршувањето на казната.
Кичеец е осуден за делото примање награда за противзаконито влијание за кое уште на првото судско рочиште на 3 декември лани призна вина.
Другите двајца обвинети во предметот „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева, не признаа вина и ним им се судеше во редовна постапка. Од првостепениот суд Бојан Јовановски – Боки 13 доби 9 години затворска казна за делата перење пари и примање награда за противзаконито влијание, а Катица Јанева доби 7 години затвор за злоупотреба на службената положба. Пресудата за нив сè уште не е правосилна.