По средбите во Софија, шефот на дипломатијата порача дека ова е историски важен момент за двете држави и дека следните недели се клучни за поинтензивна комуникација со цел да се покаже политичка посветеност кон имплементирање на обврските од Договорот за добрососедство
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, по посетата на Софија, вели дека успехот нема алтернатива затоа што ова е историски важен момент за двете држави.
Ова е дел од неговиот одговор на прашањето дали е оптимист дека Бугарија нема да ја блокира Северна Македонија за ЕУ, во интервју за „360 степени“ по средбите со бугарскиот премиер Бојко Борисов и колешката Екатерина Захариева.
„Република Бугарија има внесено преголем политички влог, но е и преважен стратешки интерес на Бугарија е европската персепектива на регионот, а исто така тоа е и за нас, така што не верувам дека било кој би ризикувал да ја пропушти оваа историска шанса, не само во нашите односи, но и во целокупната регионална динамика“,
рече Османи за „360 Степени“.
Османи вели дека следните недели се клучни за поинтензивна комуникација со цел да се покаже политичка посветеност кон имплементирање на обврските од Договорот за добрососедство.
„Јас не можам да предвидам која форма ќе придобие таа комуникација и кој ќе биде исходот, меѓутоа важно е сега да комуницираме на сите нивоа, веќе е договорена средба на комисиите, јас ќе имам почеста комуникација со министерката, во очекување сме и на средба помеѓу премиерите за да најдеме начин како таа политичка волја и посветеност да ги претвориме во конкретен исчекор којшто треба да се круниса со поддршка на Република Бугарија за започнувањето на преговорите“,
вели Османи.
Османи рече дека сите прашања не може да се решат во една или две недела, меѓутоа смета дека посветеноста, политичката волја, сериозноста во пристапот од двете страни може да биде формулата како заеднички да се надминат несогласувањата.
Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по средбата не спомна зборови како блокада или вето, но не кажа ниту дека Северна Македонија може да смета на поддршката на Бугарија за одржување на првата меѓувладина конференција со Европската Унија.
Премиерот Борисов пак, порача дека „историјата треба да е мост на пријателство и блискост, а не распарчен мост по кој Република Северна Македонија не би можела да помине по патот кон Европската Унија“.