Сите се обвинети во предметите на СЈО, а ги проблематизираат постапките против нив од аспект на аболициите кои им ги даде Иванов. Од истиот аспект тие досега често со нивните адвокати ги оспоруваа предметите и пред домашните судови повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече
На веб-страницата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур се објавени имињата на поранешните функционери кои ја тужат државата и се повикуваат на аболицијата која во април 2016 ја даде бившиот претседател Ѓорге Иванов.

Апликациите до Стразбур на ексфункционерите се објавени во две групи. Во едната се ексминистерот Миле Јанакиевски, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и Киро Тодоровски кој беше шеф на кабинет на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Името на Јанакиески е и во втората група на апликанти, а покрај него тука се и: бившиот премиер Никола Груевски, ексминистерката Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешните градоначалници на Гази Баба и Битола, Тони Трајковски и Владимир Талевски и градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

Како застапник на сите е наведен адвокатот Влатко Илиевски, кој е сопруг на Јанкулоска.
Сите се обвинети во предметите на СЈО, а ги проблематизираат постапките против нив од аспект на аболициите кои им ги даде Иванов. Од истиот аспект тие досега често со нивните адвокати ги оспоруваа предметите и пред домашните судови повикувајќи се на тезата дека еднаш дадена аболиција не може да се повлече.
Нивните апликации до ЕСЧП се во почетна фаза. Од Бирото за застапување на државата во Стразбур денеска се огласија дека двете апликации се во фаза кога државата треба да достави одговор до меѓународниот суд.
Со аболицијата на Иванов од април 2016 беа опфатени 54 лица од предметите на СЈО. Но, таквиот потег на бившиот претседател предизвика бурни реакции во јавноста и протести, па по месец и половина и по направени законски измени во Законот за помилување, тој ги повлече аболициите.