Кои лица или фирми се појавуваат како екс газди на парцелите на Славејко Арсов број 138 и 140, кои во моментот се во сопственост на „Бизнис проперти инвестмент“ на Серјожа Марков, формирана пред 5 месеци и мистериозната „Ексико“? 360 степени 25 дена го очекува одговорот од Катастарот за недвижности, откако доставивме барања за увид во историјата на овие парцели кои се наоѓаат на Водно.
Барањата се платени и примени од службениците во Катастарот на 26 октомври. Рокот што самиот Катастар го има наведено на својата интернет-страница за одговор на вакви барања е 3 дена и тој одамна е истечен. Во меѓувреме, на неколку наши интервенции и прашања за тоа до каде е одговорот на нашето барање, од Катастарот ни одговараа дека нашиот предмет ќе биде препратен во надлежно одделение за да се забрза постапката.
За во петокот, на 18-ти ноември, дури ни закажаа и средба на која би можеле да направиме увид во бараните документи. Но, кога дојдовме во закажаното време, не пречекаа со одговор дека барањето се уште е во фаза на решавање. На нашето прашање – зошто воопшто бевме повикани во катастарот и како е можно се уште да немаме одговори, ни беше речено дека можеме да поднесеме приговор и тоа устен. Не испратија со ново ветување – податоците ќе ги имаме најдоцна до понеделник-вторник.
Но, еве изминува уште еден работен, а податоците за историјатот на парцелите се уште не сме ги добиле.
Во имотните листови, пак, нема значајни промени – Полјакот, директор во „Мериот“, засега останува единствен официјален станар. На парцелата сопственост на „Ексико“, на 1 ноември како нови податоци, се внесени одобрението за градење, решението за измени во тек на градбата и завршниот извештај од инженер за надзор, кој е од фирма која работела на повеќе проекти со државни институции во последните неколку години.
Познато е дека објектите на Водно го предизвикаа вниманието на јавноста, откако беше приведен истражител на СЈО, фотографирајќи го местото каде, според сведоштва и изјави, живее поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков. Прашавме во редовното обвинителство – до каде е нивната постапка за истражителот на СЈО? Еве го одговорот што го добивме.
Во Основното јавно обвинителство – Скопје се преземаат дејствија во насока на расветлување на настанот. Побарани се повеќе вештачења и се сослушуваат сведоци. Со оглед на потребите на постапката која се води, во моментов не сме во можност да споделиме повеќе детали.
Прашавме и во специјалното обвинителство – за кои и какви потреби нивен истражител ги фотографирал објектите на Водно. Еве го одговорот на обвинителката Ленче Ристоска што го добивме на прес-конференцијата во петокот.
Станува збор за предистражна постапка. Со оглед на тајноста на предистражните постапки, законот не спречува да објавиме што е предмет на предистражната постапка и што е предмет на наш интерес и во овој момент не можеме да дадеме податоци.
Одговор долго чекаме и од ВМРО ДПМНЕ, каде Мијалков е член на тесното раководството – извршниот комитет на партијата. Зошто во имотните листови не е пријавен договор за закуп, кога е склучен таков договор и на колку време? Изминатата недела втор пат пративме серија прашања до владејачката партија, но одговори до овој момент не добивме.
Напишете коментар