Заменик-началникот на полицијата во Колорадо Спрингс, Адријан Васкез потврди дека осомничениот за нападот во геј-клубот каде беа убиени 5, а повредени 18 лица е 22-годишниот Андерсон Ли Олдрич. Тој влегол во клубот и веднаш почнал да пука со пиштол, а по неговото апсење е хоспитализиран со непознати повреди.
Нападот се случил неколку минути пред полноќ во градот Колорадо Спрингс, Колорадо, а диспечерките добиле голем број на повици дека во барот има лице кое пука, по што полицијата веднаш реагирала. Засега се уште не се знае дали се работи за кривично дело од омраза, но од полицијата кажаа дека доколку има повеќе осомничени информациите ќе бидат споделени со јавноста.
Клубот Кју, каде што се случи инцидентот, се рекламира како „ноќен клуб ориентиран кон хомосексуалци и возрасни. Во него се одржуваат тематски вечери со караоке и диџеи.
Клубот соопшти дека е „уништен“ од нападот и го нарече инцидентот злосторство од омраза.
Во објава на Фејсбук страницата на клубот се наведува дека луѓето во зградата помогнале да се спречи напаѓачот.
„Ние сме тажни поради овој напад врз нашата заедница. Нашите молитви и мисли се со сите жртви и нивните семејства и пријатели. Благодарни сме за брзите реакции на нашите посетители кои го покорија напаѓачот и ставија крај на овој напад со омраза“,
се вели во објавата.