Само лани, 33 работници смртно страдале на работните места, а 124 биле повредени. Овој податок е јасен показател дека македонските работници не се доволно заштитени на своите работни места и покрај тоа што има регулатива, но таа не се применува.
„Законите се релативно добри, солидни, одговараат на нашите потреби, но примената на законите во пракса е предизвик на кој треба да се работи. Колективните договори можат да помогнат одредени прашања од системот на безбедност и на здравје при работа, поефикасно и полесно се применуваат во пракса, да бидат подостапни до оние кои се најзасегнати, а тоа се работниците и работодавачите.“,
вели професорот по трудово право, Лазар Јовевски.
Доминантниот број повреди на работно место се должат токму на непочитување на правилата за заштита од страна на работодавачите. Адвокатите кои водат процеси во име на повредените работници сметаат дека здравјето е на маргините на работниот процес.
„Оваа бројка од 157 работници кои доживеале повреда или починале како резултат на повреда на своето работно место, во никој случај не треба да се занемари. Напротив, треба да се обрне внимание на тоа дека заштитата и безбедноста, односно заштитата на здравјето на работното место воопшто не е тема која треба да се стави на маргините кога се работи за работниот процес. Овие случаи се најзабележливи во индустријата, земјоделието, металургијата, односно физички работи, работи поврзани со оган и работа на отворено“,
потенцира адвокатот Владимир Георгиевски.
Градежниот сектор е еден од оние чии работници се помеѓу најизложените на опасност. Податоците на нивната синдикална организација покажуваат дека во земјава има над 56.000 градежни работници. Борејќи се за секојдневна егзистенција, голем дел од нив се непријавени и неосигурани а недостига инспекциски надзор кој би ја санкционирал оваа појава.
„Уште пред 6 години покренавме иницијатива за бенефициран стаж за овие работници – тоа значи дека сите работни места во оваа категорија треба да се впишат во правилникот за бенефициран стаж и да си го остварат конечно тоа право. Тоа што исто така на терен е актуелно а може да се реализира доколку сите засегнати страни се потрудат, тоа е да се зајакне капацитетот на Државниот инспекторат за труд, бидејќи навистина недостасуваат многу градежни инспектори, и воопшто инспектори од овој инспекторат на терен. Како Синдикат постојано одиме на терен за да имаме увид во состојбите и сакам дека е потребен практичен закон, не само теоретски од канцеларија напишан, бидејќи се’ она што ги мачи луѓето, потекнува токму од нивните проблеми кои ни ги кажуваат нам, на синдикалците на терен,“
открива Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање.
Тој напомена и дека изминативе денови и покрај нивните апели градежните работници да не работат на високи температури, тоа не се почитувало, па нивните теренски проверки забележале работници и на температури од 40 степени.