Реџепи е син на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи, а на директорската позиција во „Паркови и зеленило“ дојде од редовите на „огнените“ на ДУИ
Зухејр Реџепи поднесе оставка од функцијата директор на „Паркови и зеленило“. Веста со јавноста е споделена денеска, преку фејсбук-профилот на јавното претпријатие на Град Скопје. На објавата потпишана од Реџепи, се вели дека се повлекува поради здравствени причини.

„Поради здравствени предизвици денес си поднесов оставка од функцијата директор на ЈП ‘Паркови и Зеленило’.
Ѝ благодарам на градоначалничката Арсовска за укажаната доверба и можност, но здравјето е поважно од секоја функција.
На новото раководство му посакувам успешна и плодна работа.
Со почит З. Реџепи“,
пишува во објавата.
Зухејр Реџепи стана директор на „Паркови и зеленило“ во септември 2022 година. Тој е член на ДУИ, но во моментот на избор беше поврзуван со т.н. „огнена група“. Во исто време со него, директор стана уште еден негов сопартиец, Саид Саид, кој ја презеде директорската функција во „Улици и патишта“. Саид беше релативно непознат во јавноста при изборот, додека Реџепи беше познат и по тоа што е син на поранешниот поглавар на ИВЗ, Сулејман Реџепи.
И Саид и Реџепи дојдоа на функциите откако од тие позиции си заминаа функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Дел си поднесоа оставки, дел беа разрешени по иницијатива на градоначалничката Данела Арсовска откако ѝ се влошија односите со најголемата опозициска партија.