Секојдневни заплени на македонската царина. Што се’ се обидуваат да прошверцуваат патниците?
– Од тип на техничка стока, потоа имаме стока во овој случај пијалоци и поголема количина на текстилни производи, објаснува цариникот Теодосиески.
Што се случува со одземената стока?
– Царинската управа должна е да ги предаде работите кои ги има привремено одземено во надлежност на Агенцијата за управуавње со одземен имот се до завршување на постапката, вели директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
А, судските постапки траат долго, па дел од стоката скапува по магацините. Институциите се во расчекор – сакаат да донираат, но имаат пречки.
– Тоа се работи кои се таложеле со години и не се решаваат преку ноќ, вели Фатон Асани – директор на Агенцијата за управување со одземен имот.
Зошто законот, од една страна, предвидува донирање, а од друга, оневозможува запленетата стока да дојде до оние на кои им е потребна?
Стотици пати дневно се крева рампата на граничниот премин Табановце. Цариниците се спремни за контрола. Ако затреба, и помошта е на готовс.
По пасошката контрола, редот за утврдување за она што сакате да внесете или пренесете преку граница, го преземаат вработените во Царинската управа. Проверката следува по случаен избор, ако сте сомнителни на Секторот за ризик или по претходна дојава. Многумина патници знаат да паднат на овој тест, да добијат прекршочна или кривична пријава, а вишокот непријавена стока или обидот за шверц – да бидат запленети од цариниците.
Заплената завршува во големи магацини. Ова складиште е едно од 54-те државни локации и приватни терминали во кои се истовара царинската заплена. Методи Теодосиевски, кој со години работи на преминот Табановце, вели дека најголем дел од складираното е под царински надзор, односно стока за која не се платени давачките и не може да се пушти во промет. Но, има и привремено одземена стока.
– Тука имаме непријавена стока по документација, за која е веќе изготвен царински записник за царински прекршок и исто така имаме и поголема количина на текстилчни произвоиди, каде увозниците наместо да напишат која е количината во парчиња, ставаат сетови, карикирам ако се пријавени 10.000 парчиња, многу пати се случува да имаме многу повеќе. Остатокот од недекларираната роба привремено се задржува и се изготвува записник за царински прекршок – објаснува Теодосиески.
Но, освен на намерни и ненамерни грешки, цариниците сведочат и на бројни несекојдневни обиди на патниците да избегнат проверка. Документирани се случаи на криење дрога во воздушни перничиња во автомобилите. Не се ретки и примерите кога луѓе лепат дрога на своите тела. Се шверцуваат и злато, цигари, компјутери, девизи…
Одземените пари легнуваат на сметка на државниот буџет, златото завршува во трезор во Народна банка, дрогата и муницијата одат на уништување во МВР, а облеката, белата техника, превозните средства – во Агенцијата за управување со одземен имот. Оваа стока подоцна или се продава или се донира.
– Надлежна за остварување на продажба за односно за организирање на аукции и лицитации е Агенцијата за одземен имот. И донирањето на текстил и обувки оди преку Агенцијата. По запленувањето на самата стока, Царинската управа должна е да ги предаде работите кои ги има привремено одземено на Агенцијата се до завршување на постапката, дали таа би била прекршочна кривична зависи од видот на стоката во обид за шверцање – вели Танасоски.
3 дена е рокот во кој заплената треба да допатува во 4-те магацини на Агенцијата за управување со одземен имот. Некои се полни до плафон. Најголемото депо е сместено во кругот на фабриката Тетекс во Тетово. Зад оваа метална врата се крие простор исполнет со различна стока задржана од царината. Во Агенцијата се свесни дека магацинот станува претесен.
– Но тоа се работи кои се таложеле со години и кои не се решаваат преку ноќ – изјави Асани.
Причината што овие складишта се полнат со мотори, шпорети, прашоци за перење, купишта облека, справи за вежбање, компјутери е што Агенцијата најчесто не може брзо да ги продаде или донира. Па се случува најголемиот дел од производите целосно да ја загубат употребната вредност наместо да завршат кај оние кои живот значат. На ист начин се губи вредноста и на поскапи предмети, како на овие автомобили паркирани надвор или на овој автобус кој не е помрднат една деценија.
– Овие одземени предмети ги чуваме се додека не добијат правосилност од судовите или органите од кои се одземени. После одземањето и правосилноста на предметите, Агенцијата управува со овие предмети и обично имаме право да ги донираме. Според мене не би рекол кочење, но судскиот процес трае предолго. За да добиеме прависилно возило, во зависност и од околностите под кое е одземено, за што и како, траат по 4 години. Во моето надначување во август до сега имаме доделено над 120 возила на државни институции, вели Асани.
Има ли начин подобро да се искористи запленетата стока? Директорот на Агенцијата мисли дека може, но дека е потребен широк ангажман. Тој лично мора прво да открие што се има во магацинот, бидејќи во моментов располага само со делумен попис.
Во мисијата – што повеќе од овие производи да завршат за општо добро, многу што може да направи и Царината. Новото раководство на институцијата бара и начин, како да ги скрати процедурите за ослободување на дел од стоката која е под царински надзор. Фокусот е на производите кои веќе никој не ги бара или пак и нема кој да ги бара.
– Преземаме еден вид на акција со која би ги регулираме со царинските застапници и правните лица, доколку тие постојат да се направи пуштање на стоката во слободен промет, и со одлука на Влада да биде донирана опремата во одредени социјални семејства, вели Танасоски.
Последните статистики велат дека 21.5 насто од населението во Македонија живее под прагот на сиромаштијата. Стоката што скапува во државните складишта нема да им ја реши егзистенцијата, но секако ќе помогне да поминат низ некои рампи кои им ги поставила судбината.
Напишете коментар