Дипломатскиот пасош не е привилегија, тое е право кое единствено служи за извршување на службената должност – вели претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Татјана Димитровска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Во врска со тоа дали членовите на ДКСК треба да ги красат скромност и рационалност во управувањето со државните ресурси е и прашањето за дипломатскиот пасош, односно дипломатските пасоши за вас и за другите членови на Комисијата. Зошто ви се неопходни дипломатски пасоши? Во овој момент само вие лично имате дипломатски пасош.
Димитровска: Уште еднаш ќе кажам дека дипломатскиот пасош не е привилегија, тое е право кое единствено служи за извршување на службената должност. Пасошот е одобрен согласно законот за патни исправи. Одземање или одобрување на иститот е право на Министерство за надворешни работи и надворешна трговија. Повторно ќе кажам, имање или немање дипломатски пасош не е клучно прашање како и прашањето за службените возила. Тука прашањето е како ДКСК работи во заштита на јавните добра од корупција и борба со истите, односно да ги заштитиме парите на нас, граѓаните.
360°: Дали без дипломатски пасош не би можеле да ја извршувате оваа мисија?
Димитровска: Сметам дека дадов доволно аргументи за користење на оваа патна исправа. Не е привилегија, туку е право. Доколку институцијата Министерство за надворешни работи цени дека нема потреба да го имаме, слободно може истиот да го одземе.
360°: Имаше проблематизирање и на законскиот основ за тоа дали ви следува, вие сметавте дека ви следува и дека има законски основ.
Димитровска: Затоа што законот за патни исправи дозволува, а подзаконскиот акт не е усогласен со законскиот акт согласно кој и се носи, односно во подзаконскиот акт се наведени таксативно на кого следи.
360°: Оставнувате ли на барањето и другите членови на Комисијата да добијат дипломатски пасоши?
Димитровска: Сè уште немаме одговор од надлежното министерство во однос на ова прашање, да почекаме да се произнесат.
360°: А вие очекувате дека и другите шестмина треба да имаат?
Димитровска: Нема разлика помеѓу претседателот и членовите. Сепак, ќе кажам, наша мисија и визија е да ја спречиме борбата со корупцијата и да ги заштитиме парите на граѓаните.
360°: Дали дипломатскиот пасош го имате употребено за приватни цели?
Димитровска: Не, воопшто го немам употребено ни за службени цели. За приватни цели не станува збор.
360°: Досега немате патуване со него?!
Димитровска: Немам патувано, имам патувано службено два пати, меѓутоа го имам искористено мојот приватен пасош.
360°: Па, тоа нели покажува дека не сте имале потреба од дипломатски пасош?
Димитровска: Периодот од пет години и идните меѓународни активности ќе го покажат истото. Како и да е, злоупотреба за приватни цели нема да има.
