На седницата не присуствувал пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, кој е позитивен на ковид-19. Отсутни биле и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, како и лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши
Иако пратениците од опозициската коалиција „Алијанса/Алтернатива“ дадоа поддршка за Законот за попис, тој беше донесен со точно 62 гласа, колку што е и бројката на членови на парламентарното мнозинство.
Пратеници од парламентарното мнозинство за „360 степени“ велат дека причина за тоа е отсуството на дел пратеници од власта, како и од опозициската коалиција од албанскиот блок, која инаку има 12 пратеници.
На седницата не присуствувал пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, кој е позитивен на ковид-19.
Отсутни биле и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи, како и лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши.
Сепак, пратениците на Алијанса за Албанците и на Алтернатива со своето присуство обезбедија кворум за гласање и за донесување на Законот со кој е отворен теренот за спроведување на пописот во април годинава, наспроти противењето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Поради ситуацијата со ковид-19, во парламентот се гласа со картончиња, наместо електронски, така што е оневозможен увид во листинзите од гласањето.
Општиот претрес за овој закон заврши минатата недела, но поради немање кворум гласањето се одржа денеска.
Скендер Реџепи од Алтернатива рече дека пратениците од неговата партија ќе гласаат за Законот иако не се прифатени нивните барања.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека власта го истуркала решението на сила, поради што оваа операција од статистичка станува политичка. Од партијата претходно најавија дека ќе бараат поништување на Законот за попис откако тој ќе биде донесен. За таа цел партијата најави собирање најмалку 10 илјади граѓански потписи за поднесување предлог-закон за поништување на Законот за попис.