Европската комисија смета и дека има подобрувања во сите статистички области и усогласување на секторските статистики со стандардите на ЕУ. По ова, сомнежи за тоа како ќе се спроведе пописот има само уште кај опозицијата, која бара начин тој да биде одложен. Најавата дека ќе се собираат потписи да се спречи одржувањето на пописот е само продолжение на напорите да се опструира развојот на државата, а повикот за бојкот е бизарен. Не може да се бојкотира нешто што е обврска, порача министерот за правда Бојан Маричиќ пред пратениците
По три дена, заврши собраниската расправа по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, со кој се предвидува дека во април годинава ќе се спроведе оваа статистичка операција, која последен пат во земјава е спроведена во 2002 година. За Предлог-законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.
Пратениците од власта и опозицијата останаа на спротивставените ставови. Власта тврди дека пописот ќе биде по сите меѓународни стандарди и според принципите на Евростат, опозицијата, пак, не верува дека пописот ќе даде реални резултати и не го поддржува неговото спроведување на начин како што е предвидено во законот.
„Она што е особено важно за градење на довербата е дека при спроведување на пописот ќе се користат податоци од електронскиот регистар на население, кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со базите на податоци на другите институции. Значи дека е невозможно да се попишат лица, кои воопшто не постојат. Истовремено, предвидено е да се користат базите на податоци на министерствата за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација, за образование и наука, за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за водење матични книги, Агенцијата за катастар на недвижности и на Државниот завод за статистика. Токму затоа не се оправдани стравувањата дека пописот нема да даде точни податоци“,
рече пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска во денешната расправа на собраниската седница.
Пратеничката вели дека нема сомнеж оти пописот ќе се спроведе по највисоките меѓународни стандарди и според прописите на Евростат и нагласува дека законот предвидува да се попишат сите државјани за конечно да имаме претстава колку сме и каде се наоѓаме.
Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвини дека пописот е обид за манипулација со реалната состојба. Таа обвини дека владејачката структура активностите во врска со пописот ги спроведе во крајно нетранспарентна постапка и без учество на најголемата опозициска партија.
Пратеничката ги наброја дел од забелешките кои не биле прифатени од страна на владејачкото мнозинство, а беа предлог на ВМРО-ДПМНЕ како:
„Прво, опфатот на лицата кои ќе биде попишани според овој закон за попис нема да ја даде вистинската слика за резидентно население во Македонија, бидејќи население кое се попишува како резидентно треба да се вообичаените жители во Македонија. Второ, попишувањето на лицата кои се на привремена работа во странство особено можноста истите да се попишат преку електронска апликација, нема да ја даде вистинската слика за лицата кои се надвор од Македонија повеќе од една година, и не спаѓаат во групата резидентно население“,
рече Стојаноска наведувајќи дел од забелешките на нејзината партија.
Таа вели дека одредбите во Предлог-законот отвораат сомнеж за веродостојноста на пописот кој вели дека сам по себе ќе биде криминален.
Во своите забелешки опозициските пратеници наведуваа и дека во Предлог-законот ја нема дефиницијата за постојано место на живеење, која мора да ја има секој закон за попис, а регулативите на ЕУ и ООН, за резидентно население го сметаат она кое живеело во нивното место на вообичаено живеење за континуиран период од најмалку 12 месеци пред пописот и она кое пристигнало во нивното место на вообичаено живеење во текот на 12 месеци пред пописот со намера да остане таму најмалку една година.
Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, најави и дека ќе се обиде со граѓански потписи да го поништи законот, за што и лидерот Христијан Мицкоски повика на масовна мобилизација за да се соберат потписи за доставување предлог-закон за поништување на регулативата за пописот.
Маричиќ уверува дека државата е подготвена за попис и порачува дека попишувањето е обврска
Во обраќањето пред завршувањето на расправата, министерот за правда Бојан Маричиќ, ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека насила се „турка“ попис, а тие како политички субјект биле игнорирани од власта по ова прашање.
„Сакам да ве потсетам дека разговорите со опозицијата за пописот започнаа уште во 2019 година. Токму ВМРО-ДПМНЕ реши да се повлече од нив. Последните предлози кои ги добивме, за кои беше информирана и јавноста или беа небулозни или беа непотребни и неостварливи во вакви кратки временски рокови. Да имаше барем еден конструктивен предлог, за кои статистичарите, односно Државниот завод за статистка ќе кажеше дека е добар, ние ќе го прифатевме и ќе го вметнеме во текстот на законот. За жал таков не добивме“,
рече министерот.
Едно од барањата потсети тој, било и барањето повторно да има Државна пописна комисија, што, според него, е политичко тело и една од причините зошто пропаднало попишувањето во 2011.
„Велите политиката надвор од пописот, ама политичко тело да учествува во спроведувањето на истиот“,
рече Маричиќ.
Министерот уверува дека државата и системот се подготвени за попис, бидејќи, како што рече, речиси 20 години таква операција не е спроведена, а е од исклучителна важност за развојот на државата. Доказ за подготвеноста, според него, е и извештајот на Европската комисија (ЕК), во кој се нотирал добар напредок, особено во спроведувањето на пилот фазата од пописот на населението, како и тестирањето на новата методологија.
„Комисијата смета и дека има подобрувања во сите статистички области и усогласување на секторските статистики со стандардите на ЕУ. По ова, сомнежи за тоа како ќе се спроведе пописот има само уште кај опозицијата, која бара начин тој да биде одложен. Најавата дека ќе се собираат потписи да се спречи одржувањето на пописот е само продолжение на напорите да се опструира развојот на државата, а повикот за бојкот е бизарен. Не може да се бојкотира нешто што е обврска“,
рече Маричиќ.
Северна Македонија и Украина се единствени европски земји кои 10 години се без попис
Последниот попис на населението е спроведен во 2002 година, по воениот конфликт.
Планови за спроведување имаше пред девет години од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но тогаш се појавија низа несогласувања за начинот како тој треба да се изведе, имаше и оставки во Државната пописна комисија, по што обидот пропадна.
За тоа, подоцна, СЈО отвори и истрага против Никола Груевски и Али Ахмети, но по нешто помалку од три години водење истражна постапка, од обвинителството соопштија дека истрагата пропаднала бидејќи против двајцата лидери немало доволно докази.
За немањето попис во Северна Македонија неодамна анализа објави и „Јуропиан Вестерн Балканс“ (ЕВБ) во авторски текст на Кристијан Фидановски и Валентино Грбавац. Во неа се наведе дека додека Европа се подготвува за редовниот декаден циклус на попис на населението во 2021, земјава и Босна и Херцеговина се двете европски земји кои сè уште го немаат утврдено ниту датумот за попис.
Исто така, авторите на анализата посочија дека од 2010 година до денес само 21 земја во светот не спровеле попис на населението, од кои две се во Европа – Украина и Северна Македонија и се осврна на пропаднатиот попис од 2011 година, за кој пишуваше дека бил запрен делумно поради политичките стравувања од неповолни бројки на етничката структура.
Пред октомври лани месеца анализа на темава објави и лондонскиот весник „Фајненшл тамјс“ во која наведе дека зачленувањето на земјава ЕУ нема да го реши проблемот со намалување на бројноста на населението, констатирајќи дека Северна Македонија се соочува со демографски предизвик и оти е неопходен попис.