Тој одговараше на новинарско прашање, зошто државата одлучила да набави толку многу дози од вакцина која според студиите има ефикасност од 50 отсто. Според Филипче, ефикасноста е многу поголема
Не постои друга вакцина од друг производител што може да се набави во толку голема количина и за толку брзо време. Вака министерот за здравство Венко Филиче објасни зошто е одлучено да набавиме 500 000 дози од вакцината „Синовак“.
Тој одговараше на новинарско прашање, зошто државата одлучила да набави толку многу дози од вакцина која според студиите има ефикасност од 50 отсто. Според Филипче, ефикасноста е многу поголема.
„За ефикасноста на вакцината разговаравме повеќепати во Комитетот за имунизација и, според публикациите, нејзината ефикасност е многу поголема од 50 отсто, таа е над 70. А се одлучивме бидејќи не постои друга вакцина од друг производите која може наеднаш во толку голема количина да стигне во нашата земја. Побарувачката е голема, а ние сакаме пред летните месеци да вакцинираме што поголем број граѓани“,
рече Филипче.
Најави дека со тоа треба да се заврши вакцинацијата на сите ризични категории граѓани и оние што имаат потреба од вакцини пред патување.
Европската агенција за лекови (ЕМА) пред неколку дена соопшти дека започна тестирање на кинеската вакцина „Синовак“ против ковид-19, врз основа на претходните тестови кои покажаа дека произведува имунолошки одговор против коронавирусот.
Вакцината „Синовак“ покажала ефикасност меѓу 50 и 90 проценти во различни студии и во моментов е одобрена за употреба во Кина, Индонезија, Бразил и Турција.
„Синовак“ на почетокот на април објави дека отвора трета фабрика за производство на својата вакцина, двојно зголемување на капацитетот на две милијарди дози годишно. Компанијата објави дека 200 милиони дози се веќе испратени низ целиот свет.