Здружението на новинари на Македонија попладнево повика на поголемо внимание и толеранција кон медиумските работници кои известуваат од протестите против францускиот предлог. Апелот се однесува и до полицијата и до демонстрантите.
Од здружението велат дека синоќа се забележани повеќе недозволиви настани. Еден снимател бил турнат додека снимал, па ја оштетил камерата а повеќе новинари биле цел на вербално насилство.
„Во момент додека службени лица вршеле лишување од слобода на лица кои претходно насилно се однесувале на јавниот простор пред Собранието, снимателот од телевизија 24 Вести сведочи дека кон него, најверојатно со рака, замавнал припадник на МВР по што камерата паднала на земја и се оштетила. Снимателот на груб начин бил попречен во вршење на својата работа, токму заради ваквиот контакт од страна на припадник на МВР кон акредитиран медиумски работник кој бил на терен да пренесе дел од атмосферата од протестите на јавноста. Постапката на полицаецот била непотребна и е предизвикана материјална штета, но за среќа не бил повреден снимателот на телевизијата“,
соопштија од ЗНМ.
Затоа, ЗНМ ја повикува полицијата на кооперативен пристап, односно да соработува со новинарите на настани со висок ризик.
„При тоа не треба само да им посочи како да се заштитат, туку и да ги заштити и да обезбеди услови за непречено известување, што не е случај со погоре опишаниот настан“,
соопштија од ЗНМ.
За демонстрантите, пак, апелот се однесува кон оние кои вербално ги напаѓале медиумските работници за време на протестите.
„Новинари се пожалија дека граѓани кои се присутни на протестите, кон поединечни претставници на медиуми имале недоличен однос и со заканувачки тонови се однесувале кон дел од медиумските работници. Потсетуваме дека присутните новинари кои професионално известуваат за настаните се во функција на задоволување на правото на информирање на јавноста. Следствено на тоа попречувањето на нивната работа поттикнува цензура во медиумите за што се одговара пред суд“,
велат од ЗНМ.