„ЗНМ останува посветено на поддршка на реформите што ќе ја унапредат слободата на изразување, ќе ги подобрат условите за работа на новинарите и ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во медиумите“, се наведува во соопштението на Здружението на новинари
Најновиот извештај на „Репортери без граници“, во кој Македонија бележи пад од шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година, е реален и балансиран приказ на состојбите и јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи, реагираат од Здружението на новинари (ЗНМ).
Оттаму нагласуваат дека во правниот дел извештајот нотира оти националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. СЛАП-тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари.
„Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт-точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција. Извештајот укажува на тенденцијата, носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари“,
посочуваат од ЗНМ.
Според ЗНМ, неопходни се итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите, а клучните приоритети треба да бидат:
- Усогласување на националното медиумско законодавство со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), за да се обезбеди покохерентна и транспарентна правна рамка
- Формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, со цел зајакнување на независноста и одржливоста на професионалното новинарство
- Ефикасно решавање на сите сериозни случаи на закани и напади врз новинари, вклучувајќи проширување на институционалните механизми и надвор од главниот град
- Воведување на правни заштити против злоупотреба на т.н. СЛАП-тужби, со цел заштита на новинарите кои известуваат во интерес на јавноста
- Политичарите, особено оние на позиции на моќ, треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите. Преку јавно признание на улогата на новинарите во демократското општество и воздржаност од навредлив говор, може значително да се подобри целокупната медиумска средина и да се зајакне довербата на јавноста.
„ЗНМ останува посветено на поддршка на реформите што ќе ја унапредат слободата на изразување, ќе ги подобрат условите за работа на новинарите и ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во медиумите“,
се наведува во соопштението на Здружението на новинари.
*Поврзани вести:
- Северна Македонија падна за шест места на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“
- СДСМ: Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, слободата на медиумите се гуши
- ДУИ: Извештајот на „Репортери без граници“ открива сериозни слабости
- Падот во извештајот на „Репортери без граници“ се должи на ширење лажни вести и дезинформации од СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ