Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) вечерва преку соопштение го осудија нападот на новинарската екипа на Ал Џaзира и бараат од МВР да го санкционира напаѓачот за кој има и јавно достапна снимка од настанот.
Нападот, како што објави и новинарката Смилевска се случи на протестот кој денеска во центарот на Скопје го организираше ВМРО -ДПМНЕ, при што таа и снимателот биле нападните и попречени во вршење на своите професионални новинарски задачи.
„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволиво во демократски земји. Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните“,
се вели во реакцијата на медиумските организации.
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го осудија нападот, но исто така и случаите на, како што велат, „кога се врши политичко – судски прогон врз новинари кои се критички настроени кон носителите на јавни функции, како и притисоците врз медиуми“.