Здружението на новинари на Македонија посочува дека ваквиот третман кон новинарите придонесува кон нивна цензура. Затоа, бараат од надлежните институции да се преземат конкретни мерки против лицето кое ја спречило новинарската екипа на „Алсат“ да ја врши својата работа, со цел во иднина да не се случува попречување на правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) бара итна реакција од Општина Сарај поради вчерашната случка со новинарска екипа на „Алсат“, во која што, од страна на локалните жители била спречена да снима.
Имено, вчера напладне, посочуваат од ЗНМ, новинарската екипа на телевизијата „Алсат“ во состав Мелихате Рустеми – новинарка и Бојан Костовски – снимател биле спречени да ја вршат својата работа. Екипата пристигнала во селото горно Свиларе (општина Сарај), по претходно добиени информации дека жителите немаат вода за пиење.
По неколку минути снимање, се појавило лице во цивилна облека кое агресивно викајќи им забранило да снимаат, велејќи им да го напуштат селото за пет минути со образложение дека тој е главен таму – причина заради која екипата на „Алсат“ треба да ги спроведе неговите наредби, велејќи дека нивните информации за недостиг на вода не се точни, но без да остави можност да се провери. Притоа, лицето барало од новинарката дозвола за снимање.
„Новинарката Рустеми заедно со снимателот Костовски, после образложението дека за снимање на јавни површини не е потребна дозвола од надлежните институции и неколку минутен вербален конфликт, после појавата на уште неколку лица, а со цел да избегнат поголем конфликт биле принудени да го напуштат просторот, јавната површина и да најдат друго место за снимање“,
посочуваат од ЗНМ.
Екипата на „Алсат“ го снимила целиот вербален конфликт, кој пак бил емитуван и во вчерашните вести на телевизијата.
Здружението на новинари на Македонија посочува дека ваквиот третман кон новинарите придонесува кон нивна цензура. Затоа, бараат од надлежните институции да се преземат конкретни мерки против лицето, со цел во иднина да не се случува попречување на правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните.