Според опозицијата, лидерот на ЗНАМ со овој скандал ги сруши единствените две ветувања дадени пред граѓаните, а тоа е дека ќе се бори за правда и ќе се бори против ДУИ
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) вечерва излегоа со соопштение во кое велат дека Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и лидерот Максим Димитриевски го потврдија скандалот што денеска го објавија, а е поврзан со најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении во Куманово.
„Наместо да пишуваат фермани, требаше само едноставно да одговорат како со купи-продај земјиште преку ноќ се печалат 350 илјади евра. Како тоа ДУИ беше лоша партија, а сега е партијата со која го договори гласањето на ДУП-от? Што им ветил и каква услуга и должи сега?“,
прашуваат од партијата.
Од СДСМ му порачуваат на Димитриевски да излезе и сам да го објасни случајот, зашто ја знаат вистината, имаат уште информации што ќе ги објават и ќе одат до крај.
„Димитриевски со овој скандал си ги сруши единствените две ветувања дадени пред граѓаните, а тоа е дека ќе се бори за правда и ќе се бори против ДУИ. Успеа политички да се самоуништи во желба да прибави корист за себе и тоа од фантастични 350 илјади евра“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Според портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, СДСМ е во паника и прави дефокус од нивните корупциски афери.
„Компанијата ‘Лидл‘ и нивната инвестиција во индустриската зона Нивини и Речица во Куманово е една од стратешките развојни активности за градот, но и за државата. На крајот од мандатот поранешната влада, токму пред парламентарните избори, ја промовираше оваа капитална инвестиција и беа првите лопатари на чело со поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Не ми е јасно зошто тогаш ‘Лидл‘ беше одлична, а сега е непосакувана инвестиција“,
рече тој.
Според него, СДСМ постојано се води од народната поговорка „крадецот вели, држете го крадецот“.
„Додека институциите ги отвораат вистинските скандали од вашето време, вие се обидувате да го одвлечете вниманието на јавноста со напади врз градоначалникот на Куманово“,
додаде Мемов.
Општинските советници од СДСМ денеска на прес-конференција обвинија дека во Куманово се случува најголемиот урбанистички корупциски скандал во последните децении, организиран и координиран директно од градоначалникот на градот и лидер на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Советничката на СДСМ во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска, посочи дека Димитриевски со поддршка на Демократската унија за интеграција (ДУИ) му „наместил“ детален урбанистички план (ДУП) на својот кум.
„Во август 2023, Општина Куманово распишува тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Се знае однапред – купувач ќе биде ‘Лидл’. Продажбата е директно од државата кон ‘Лидл’, со цена од 5,5 милиони евра. Дотука нема ништо спорно. Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250 000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на ‘Лидл’ – за 600 000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350 000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи – продај!“,
рече Мургашанска.