Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов, Јусуф Ајрулау, Виолета Поповска, Аритон Ала и Цветанка Ташева се нови судии во скопскиот Апелациски суд.
Тие беа избрани на денешната седница на Судскиот совет. Од нив во јавноста попознати се имињата на Зимбовска и Ристов.
Зимбовска го судеше предметот „Труст“ на СЈО поврзан со добивање тендер во РЕК „Битола“ и во него изрече затворска казна од шест години за бизнисменот Сеад Кочан, три години на Василие Авировиќ, додека на бизнисменот Сафет Ватиќ му даде ослободителна пресуда. Таа досуди и конфискација на имот во иста вредност како направената штета – околу 17 милиони евра. Понатаму, Апелација ја преиначи пресудата во делот на затворските казни, па на Кочан му ја намали на 4,5 години, а на Авировиќ му даде условна казна затвор од две години кои нема да се извршат ако во наредните пет не стори кривично дело.
Рисов, пак, е судијата кој во 2014 година го водеше првиот судски процес за „Шпион“, но и случајот „Изгрев“, во кој им се судеше на браќата Димитар и Ѓорѓи Миладинови за перење пари.
За шесте места во Апелација имаше вкупно 95 кандидати.
Меѓу позвучните имиња што аплицирале, но не беа избрани, се и судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани кои се во одделот за организиран криминал во Основниот кривичен суд во Скопје. Таму тие се во ист судечки совет и судат неколку случаи на СЈО, како „Титаник“, ТНТ, „Талир“, „Монструм“ и „Тендери“.
За место во Апелација аплицирале и Оља Ристова, која го судеше „Титаник 3“, но се повлече поради притисоци, Дијана Груевска-Илиевска која од актуелните го води случајот „Ласкарци“ и други судии.