Коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“ најави дека ќе го оспори неговиот избор пред Уставниот суд
Во ниту еден момент нема да потклекнам под некакво влијание, порача новоизбраниот народен правобранител, Насер Зибери по давањето на свечена изјава во Собранието.
Зибери, кого во кампањата за предвремените парламентарни избори во јули 2020, ДУИ го промовираше како кандидат за прв премиер Албанец рече дека ќе биде независен народен правобранител.

„Јас во ниту еден момент нема да потклекнам на влијание, било од политички, бизнис, економски или секакви центри. Напротив, ќе се обидам докрај во рамките на надлежностите што ми ги дава Уставот и законот да останам достоинствен во одбрана и заштита на правата на граѓаните гарантирани со устав и закон“,
изјави Зибери.
Зибери рече дека ќе ги искористи сите правни инструменти за да испрати порака до ограните на управата и другите носители на јавни функции, дека функцијата Народен правобранител не е само декор во системот, туку бедем на заштита на слободите и правата на граѓаните.
Опозициската коалиција „Алијанса за Албанците и Алтернатива“ пак, најави дека ќе достави иницијатива до Уставен суд за проценка на уставноста на изборот на Насер Зибери за народен правобранител.
Денеска поставија транспарент пред неговата канцеларија со порака „Правобранител на Владата/ДУИ“.

„За жал, пред неколку дена, на многу лукав начин во Собранието на Северна Македонија, со само 61 глас „за“ и без согласност на опозицијата, Насер Зибери беше избран за Народен Правобранител. Ве потсетуваме дека Насер Зибери, покрај тоа што беше политички активист и партиски функционер, на последните парламентарни избори беше кандидат за премиер од ДУИ, од партијата што е денес во влада, против која Насери Зибери ќе мора да ги заштити правата на граѓаните. Ова е спротивно Законот за Народен Правобранител, кој во член 3 вели: „Народниот Правобранител е независен и самостоен во извршување на својата функција.“ Додека во членот 2 се вели дека Народниот Правобранител е тело кое ги штити уставните и законските права на граѓаните и сите други лица, кога тие се повредени од органите на државната управа и од другите тела и организации кои имаат јавни овластувања“,
порачаа од Алијанса за Албанците.
Собранието го избра Зибери за нов народен правобранител минатиот месец, а опозицијата се спротивстави на изборот и по паузата од расправата не присуствуваше на гласањето во собраниската сала.
Од ДУИ го бранеа предлогот со укажување дека Насер Зибери ги исполнил условите и дека за кандидат за народен правобранител никаде не е наведено дека не може да се кандидира за премиер.
Гордана Силјанова-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ пак, го нарече „многу чуден предлог“ со кој не му се прави добро ниту на кандидатот и неговата кариера. Од Рим до денеска, рече таа, народен правобранител е аполитична функција и не е важно дали имал пауза во политичкиот живот кога веќе бил министер, пратеник и кандидат за премиер.