Насер Зибери, поранешен министер и пратеник, во дебата на „360 Степени“ зборуваше за потребата од одржување избори и можните датуми.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ сериозно мисли да биде учесничка на овој изборен процес, се разбира дека ќе направи компромис и ќе влезе во преговори за разумен датум кој нема да ги доведе во прашање процесите. Ако тие се плашат да учествуваат на избори, ќе се обидат по секоја цена да даваат аргументи зошто не треба да се оди на избори во овој период и да инсистираат изборите да бидат одложени за во есен. Мислам дека ова е неоправдано барање и политички и во правна смисла, но и економски, и во здравствена смисла затоа што земјата ја очекува сериозен предизвик во сите овие димензии што ги истакнав пред малку“,
вели Зибери.
Тој вели дека Македонија се наоѓа во многу деликатна ситуација, кога се очекува здравствената криза да премине во втор, а економската да дојде во прв план, а истовремено се наоѓаме во ситуација без легитимни институции.
„Со датумот на распуштање на Собранието….законодавниот орган престанал да функционира, законодавната власт. Во меѓувреме на извршната власт сме и дале законодавна моќ и ниедна институција во државата нема надлежност да воведе контрола врз извршната власт. Да не заборавиме, Уставот вели во моментот кога се одлучува да се распушти Собранието како резултат на одење на предвремени избори, Владата е во оставка. Видете сега во каква бесмислена ситуација се наоѓаме! Во услови кога Владата е во оставка, обично таквите Влади имаат ограничен мандат, ние и дадовме слободни раце и сега не само што нема ограничени надлежности и да се занимава претежно со технички прашања кои се однесуваат со изборите, ние на оваа Влада и ја дадовме и законодавната власт. Ситуацијата е неподнослива. ВМРО-ДПМНЕ треба да биде првиот субјект кој ќе бара што поскоро избори за да се надмине ваквата ситуација. Сега дали ќе биде 21-ви, 28-ми или 15-ти, за ова е потребна претходна согласност, зашто претпоставувам дека претседателот Пендаровски нема да ја продолжи вонредната ситуација без да биде сигурен дека партиите се договориле за датумот на избори. Поместувањето на датумот од 21 јуни подразбира и продолжување на вонредната состојба за да нема правна празнина за организирање на изборите. Во спротивно датумот од 12 април како датум за избори паѓа и немаме орган кој ќе одлучи да ја поништи претходната одлука и да донесе нова одлука. Согласно Уставот тоа го прави претседателот на Собранието, а сега Собранието не функционира“,
вели Зибери.