Министерот Филипче најави смена на Арбен Зибери, кој е кандидат на листата на ДУИ во првата ИЕ, а кој се пофали дека помогнал да се отворат границите за да може да се вратат иселениците и да гласаат за премиер Албанец
Арбен Зибери уште денеска може да биде разрешен од директор на Центарот за јавно здравје – Скопје поради статусот што го објавил на Фејсбук, а во кој ѝ дава политички контекст на одлуката на Владата за отворање на границите, врз основа на препораки од Комисијата за заразни болести.
Разрешувањето на Зибери го најави министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Зибери се пофали на Фејсбук дека, како член на Комисијата за заразни болести, помогнал да се отворат границите, за иселениците Албанци да може да дојдат во земјава за изборите и да гласаат за премиер Албанец. Но министерот Филипче изјави денеска дека Зибери не е член на Комисијата за заразни болести.
Филипче оцени дека статусот на Зибери е недоличен за еден лекар и раководител на важна здравствена институција поради што министерот смета дека тој треба да биде разрешен од директорското место. Филипче рече дека ќе разговара со правници дали е можно Зибери да биде разрешен уште денеска.
„Добре дојдовте иселеници. Родното место ве чека. Сега можете да си дојдете дома без тестови и 14-дневна изолација благодарение на нашиот придонес во здравствените политики на Владата. Јас како член на Комисијата за заразни болести и другите членови помогнавме да се отворат границите и луѓето да се движат слободно без протоколите препорачани од СЗО. Зошто да не, дојдете дома за премиер Албанец“,
напиша Зибери на Фејсбук.

Инаку, досегашниот директор на Центарот за јавно здравје-Скопје е кандидат на ДУИ за пратеник на овие избори. Односно, тој е второрангиран на листата на ДУИ во првата изборна единица, веднаш по носителот Изет Меџити.

Директорот на ЦЈЗ, исто така, му е внук на Насер Зибери, кого ДУИ вчера го номинираше за кандидат за премиер, во контекст на иницијативата на партијата за прв премиер етнички Албанец во Северна Македонија.